Никој нема да биде отпуштен од работа, современата реорганизација и оптимизирањето на националните културни установи подразбира фузирање на одредени институции, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, образложувајќи сегмент од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026 – 2030 кој се однесува на автономијата во културата и предвиденото преобликување на мрежата на установите.

Има манифестации, рече Љутков, што работат три дена во годината, а во планот за вработување, со систематизацијата, за нив се предвидени по 25 до 30 работни места. Битно е, нагласи, тие да не се „угаснат“, туку да продолжат да функционираат, но во рамки на други институции, како одделенија или сектори.

Нема да има укинување на институциите во културата, туку нивна современа реорганизација. Оптимизацијата на националните установи значи фузирање на одредени институции што немаат капацитет да продолжат да работат, со друга установа која има потреба од таков вид услуга. Не се отпуштаат носителите на дејности, напротив, ќе се зголемува бројот на вработени, посебно фокусот ќе бидат стручните кадри, а не административниот кадар. Никој нема да биде отпуштен од работа. Едноставно, едната институција се фузира со другата и со заеднички сили ќе функционираат многу подобро, а нашиот фокус ќе биде стручниот кадар во културата. Примерот веќе го има и во Националната стратегија и во документот за реорганизација. Неколку, дел од новите што се формирани пред, ми се чини дека во 2023 година, формирани без консултација и стручна анализа и потреба зошто се формираат, се останати на по еден вработен, а тие реално се дел од манифестациите. Значи, имате манифестација што работи три дена во годината, а во планот за вработување, со систематизацијата некаде 25 до 30 работни места. Значи, за нас е многу поважно таа институција да не се угасне, туку да влезе под одредена веќе постоечка институција како одделение или како сектор во рамки на институцијата. Верувајте, ќе функционира многу подобро отколку вака независно и самостојно, објасни Љутков, одговорајќи на новинарско прашање.

Реорганизацијата што се предлага, потенцира министерот, е во консултација и со вработените и со директорите на тие институции, и на оние што ќе бидат фузирани, но и на оние што ќе треба да ги примат овие национални установи.

Преобликувањето на мрежата на установите не подразбира укинување на институциите, туку нивна современа реорганизација во функција на остварување на мисијата и визијата за која се основани. Ниедно вработено лице во установите од културата нема да го загуби работното место, туку сите вработени ќе имаат можност да дадат свој придонес во работењето на матичните установи – порача претходно Љутков, во обраќањето на јавната расправа.