Течат 40-те дена екстрадициски притвор за првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче. Пендаровски ќе разговара со колегата Ердоган за случајот да не заглави.

Претседателот Пендаровски ќе испрати порака до турскиот претседател Ердоган за да се забрза процесот на екстрадиција на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Во интервју за „360 степени“ на МТВ шефот на државата вели дека целта е да се забрза процесот. Според Претседателот, не треба да се остави ваков случај да трае со месеци или со години.

Пендаровски во интервјуто обелодени дека и Ердоган во 2019-та до него испратил барање за испорака на припадници на ФЕТО од Македонија, како услов Турција да го ратификува протоколот за пристапување на земјава во НАТО. Шефот на државата вели дека досега не видел податок за можни надворешни влијанија кои би се поврзале со двојното убиство.

„Да оставиме сепак судскиот процес да си го направи своето. Многу е битно првоосомничениот да дојде, да го соочите со овие тројца обвинети кои се сега во притвор за да се види дали тие нивни вербални искази кои ја префрлаат вината кај него се точни. Само низ таква контрадикција во судската постапка можеме да ја дознаеме вистината за случајот и се разбира, многу странични експерти кои ќе бидат сигурно ангажирани – психијатри, психолози, социолози, бидејќи е неопходно мултидисциплинарно истражување на овој случај, кој не е само судски и не е само политички или врзан со некакво параразузнавачко милје, туку е сигурно врзан со некои процеси кои се случувале во главите на тие нелуѓе“, изјави Пендаровски.

За случајот со Вања, наместо да чекал интервју за да каже дека ќе бара екстрадиција од Ердоган, Пендаровски тоа требало да го стори до сега, се огласија од ВМРО-ДПМНЕ. Како што велат од партијата, аналитичарот Пендаровски пет години нема донесено ниту едно решение или одлука. Или ги следи СДС и ДУИ, или има краткорочни ставови кои потоа ги повлекува или го демантира кабинетот, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерството за правда на Турција на Палевски му определи 40 дена екстрадициски притвор, за што нашето министерство беше известено преку допис од македонската амбасада во Анкара.

Извор: МРТ