Излез од седуммесечниот конфликт со Соединетите Американски Држави и Израел може да се постигне единствено преку дипломатски договор, порача Иран. Техеран останува на ставот дека повторното отворање на Ормускиот Теснец е можно само доколку бидат исполнети условите што ги поставил во мировниот предлог доставен преку катарски посредници.
Иранската реакција следува откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го отфрла предлогот за отворање на стратешкиот поморски премин и прекин на конфликтот.
„Нашите услови се јасни, а секој чекор кон повторно отворање на Ормускиот Теснец зависи од исполнувањето на тие услови“, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на социјалните мрежи.
Според него, само решение постигнато преку договор може да овозможи излез од актуелниот застој.
Иран го претстави мировниот предлог во текот на неделата, за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според Техеран, документот ѝ бил доставен на американската страна преку посредници од Катар.
Трамп во саботата соопшти дека го отфрла предлогот. Тој оцени дека Иран сака што поскоро да постигне договор за отворање на теснецот поради големите загуби со кои се соочува.
„Тие сакаат веднаш да постигнат договор за отворање на Ормускиот Теснец бидејќи трпат тешки загуби“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
И покрај јавната изјава на американскиот претседател, Арагчи тврди дека посредниците во разговорите меѓу Вашингтон и Техеран сè уште официјално не ѝ го пренеле американскиот став на иранската страна.
„Чекаме посредниците да ни ги пренесат конечните ставови, а врз основа на нив ќе донесеме одлука“, порача Арагчи.
САД воведоа економски мерки против Иран со намера да извршат притисок врз Техеран да ги запре нападите врз пловилата во Ормускиот Теснец. Нападите значително го намалија поморскиот сообраќај низ овој стратешки важен премин.
Иран во меѓувреме стапил во контакт и со Саудиска Арабија во врска со состојбата околу теснецот. Конфликтот, кој трае седум месеци, го наруши транспортот на нафта преку клучната поморска рута и создаде дополнителен притисок врз глобалната економија.
Предлогот на Техеран предвидува седумдневно одбројување до повторното отворање на Ормускиот Теснец и прекин на борбите во регионот. Арагчи изјави дека условите за отворање на преминот се подготвени доколку Вашингтон покаже сериозна намера за постигнување договор.
Иранската нуклеарна програма останува една од главните спорни точки во разговорите. Трамп порача дека на Иран никогаш не смее да му биде дозволено да поседува нуклеарно оружје, додека иранските претставници тврдат дека Техеран нема да прифати отстапки во однос на збогатувањето ураниум или изнесувањето високо збогатен ураниум од земјата.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран е подготвен да преговара за нуклеарната програма и за други прашања, но нема да прифати „злоупотреба или принуда“.
Конфликтот започна на 28 февруари со американски и израелски напади врз Иран. Оттогаш борбите се одвиваат со периоди на затишје и нови напади. Регистрирани се илјадници загинати, а судирите се проширија и во други делови од регионот.
