Европската Унија ќе обезбеди речиси 710 милиони евра за хуманитарна помош и поддршка на заедниците погодени од конфликти, присилно раселување, екстремни временски услови и зголемени животни трошоци. Пакетот го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во саботата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Најголем дел од средствата, 380 милиони евра, ќе бидат вложени во Субсахарска Африка. Помошта е наменета за заштита на ранливите мигранти, поддршка на доброволното враќање и реинтеграцијата, подобрување на управувањето со миграцијата и справување со присилното раселување.
„Конфликтите, екстремните временски услови и зголемените трошоци за живот го нарушуваат животот на многу луѓе ширум светот“, изјави фон дер Лајен. „Ако работиме заедно, можеме да го направиме светот подобро место.“
Таа порача дека Европа останува покрај заедниците што се соочуваат со кризи и раселување.
„Мојата порака е едноставна: Европа стои со вас!“, додаде таа. „Со денешниот пакет мерки ќе ги поддржиме раселените заедници низ Африка, како и заедниците кои ги прифаќаат“, порача фон дер Лајен.
Од пакетот, 60 милиони евра ќе бидат издвоени за зајакнување на примарната здравствена заштита во Етиопија.
За итна хуманитарна помош во Палестина и Либан се предвидени 103 милиони евра, додека 52 милиони евра ќе бидат наменети за Украина.
Помали износи ќе бидат насочени кон поттикнување на стабилноста во регионот на Големите Езера, кој е погоден од кризи. Дел од средствата ќе бидат искористени и за поддршка на Демократска Република Конго во справувањето со епидемијата на ебола во источниот дел на земјата.
