Во Техеран почнаа официјалните погребни почести за убиениот врховен ирански водач, ајатолахот Али Хамнеи. Посмртната молитва ја предводеше големиот ајатолах Џафар Собани, а според иранските власти, десетици илјади луѓе се собрале да му оддадат последна почит.
Пренос од обредот беше емитуван на државната телевизија. Ковчегот на Хамнеи, покриен со иранското знаме, беше изложен во комплексот Голема Мосала во Техеран, каде што ќе остане до утре.
Потоа, телото на убиениот ирански лидер ќе биде пренесено во светите градови Ком, Наџаф и Кербала, пред конечно да биде погребано во неговиот роден град Машхад.
Светските медиуми пренесуваат дека тројца синови на Хамнеи биле присутни на погребната церемонија и се помолиле покрај ковчегот. Неговиот наследник како врховен лидер, Моџтаба, не се појавил на церемонијата.
За време на собирот, според медиумските извештаи, се слушале извици „смрт за Америка“, како и повици за одмазда против САД и Израел. Иранските власти ги обвинуваат Вашингтон и Тел Авив за нападот во кој загина Хамнеи.
Светските агенции наведуваат дека погребот има силна политичка и симболична димензија. Церемониите се одржуваат во период кога иранските власти настојуваат да демонстрираат национално единство и отпор кон западните земји.
Погребните церемонии ќе траат до 9 јули.
Хамнеи и членови на неговото семејство беа убиени кон крајот на февруари, во почетната фаза од војната меѓу Иран, САД и Израел.
