Македонија останува посветена на исполнувањето на потребните реформи за интеграција во Европската Унија. Премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања соопшти дека од Брисел пристигнале позитивни вести поврзани со финансиската поддршка и регионалната соработка.

„Во делот на нашата ЕУ интеграција, ние остануваме посветени на она коешто е наша задача, а тоа е испорачување на сите потребни реформи и сето она кое се бара од нас. Како резултат на таа посветеност, вчера дојде добра вест од претседателката Фон дер Лајен, дека ќе го добиеме тој додаток, заедно со Црна Гора и Албанија, а ќе го изгубат Косово, БиХ и Србија и тој додаток ќе биде можност не само за ликвидност за поддршка на буџетот, туку и за реализација на одредени проекти. Добра вест е дека еден од тие проекти кој го пријавивме, е конечно јаловиштето во Пробиштип да биде санирано. Тоа ќе влезе во тие проекти, и тоа многу ќе значи за граѓаните на Пробиштип и тој дел од истокот на Македонија“, истакна Мицкоски.

Како втора значајна вест од самитот, претседателот на Владата го посочи завршувањето на техничкиот дијалог во рамките на концептот за укинување на роаминг трошоците со европските држави.

„Први го завршивме техничкиот дијалог. Тука треба да му честитаме и на министерот за дигитална трансформација во делот на Roam Like at Home. Тоа значи дека кога ќе разговарате со број од Европска Унија нема да се наплаќа роаминг услуга, односно ќе се наплаќа како да разговараме тука, во внатрешен сообраќај. Значи ние стануваме дел од внатрешниот сообраќај на Европската Унија. Некој со ова се потсмева, но тој има голема порака и политичко значење. Значи вас веќе ве сметаат како дел од Европа и станувате дел од тој заокружен пазар“, рече Мицкоски.

Олеснувањето на комуникацијата директно ќе им помогне на домашните граѓани кои одржуваат контакти со семејствата и деловните соработници во земјите од Европската Унија. Паралелно се развиваат и нови економски иницијативи за домашниот извоз.

Премиерот посочи дека во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се работи на иницијатива домашните производи да добијат ознака за европско потекло.

„И тоа многу ќе значи. Ќе значи многу особено во делот на царинската и тарифната политика. Работиме, не знам до каде ќе стигнеме“, вели Мицкоски.

Во однос на регионалниот контекст, претседателот на Владата посочи дека Македонија се наметнува како фактор на стабилност, што било забележано и од меѓународните партнери за време на разговорите во Брисел.

„Ќе го цитирам еден од говорниците, вчера на масата, погледајте ги Македонците, први почнаа, први добија статус на кандидат, први ја усогласија надворешната и одбранбена политика, први влегоа во СЕПА, први го затворија сега Roam Like at Home, се прават први. Први се по извештаите од реформската агенда, но ете имаат еден проблем и тоа е што е“, истакна Мицкоски.

Тој упати критика кон неконзистентноста во вреднувањето на постигнатите резултати, посочувајќи дека принципот на заслуги често наидува на блокади од политичка природа.

„Уште повеќе ме загрижува што дури, а тоа нема да се случи, дури и утре да го смениме Уставот, ние повторно немаме никаква гаранција дека тоа е последно. Зошто? Затоа што следен проблем е Акцискиот план за малцинства. Вие не можете кластерот Основи да го отворите ако не го поминете овој Акциски план за малцинства. Затоа ние малку ја сменивме стратегијата и рековме – добро ајде ако е ова толку небитен документ и 26 земји немаат проблем, ајде ова прво да го решиме. Но, и тоа не оди така лесно. Се надевам дека таа една земја членка конечно ќе се вразуми и ќе стане свесна за реалноста, но исто така имам чувство дека полека и другите земји членки го губат трпението со таа земја членка“, рече Мицкоски.

На крајот, премиерот се осврна на геополитичките и економските ризици со кои светот и европскиот континент ќе се соочат во текот на претстојниот период.

„Мислам дека во светот има одреден фронт на поларизација и имам чувство како никој да не сака да направи суштински компромис. Тоа е моето чувство, не велам дека сум во право и од тие причини ценам дека во 2027 година, ако нешто се случува би се случувало евентуално во втората половина од годината. Но оваа зима ќе биде исклучително предизвикувачка за Европа, пред сѐ, имајќи ја предвид состојбата во која што се наоѓа и руската агресија во Украина, но не помалку важна е и војната во Иран. Иако, таму се прават обиди за одредени алтернативни решенија, но тоа мислам дека во овој момент не успева“, додаде Мицкоски.