Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања се осврна на темата за полагањето на правосудниот испит. Тој истакна дека институциите го чекаат официјалното мислење од Венецијанската комисија врз основа на кое ќе се дефинираат понатамошните чекори, посочувајќи дека нејзините препораки се задолжителни согласно евроинтегративниот процес, при што изрази жалење што изминатите две децении никој не понудил системско решение.

„Она кое што е доставено до Венецијанска комисија е материјал во форма на закон за кој бараме мислење и чекаме Венецијанската комисија да даде мислење. Откако тоа мислење ќе биде готово, тогаш ќе носиме одлука што понатаму, но прво да го сочекаме мислењето на Венецијанската комисија, затоа што не знаеме дали ќе се најде законот во Собрание ако мислењето е негативно. Тогаш ќе треба и вие да го прифатите“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Скендер Реџепи.

Мицкоски додаде дека доколку ставот на Венецијанската комисија биде позитивен кон подготвениот предлог, тогаш таквата одлука ќе мора да биде прифатена од сите политички фактори, вклучително и од пратеникот Реџепи. Тој посочи дека не сака да верува оти современ пратеник би одбил да ги почитува насоките на ова меѓународно советодавно тело, кое претставува директен дел од преговарачката рамка и критериумите утврдени со француската методологија од 2019 година.

„Да почекаме што ќе биде мислењето и потоа да носиме одлуки што ќе биде понатаму. Досега процесот се водеше многу транспарентно, јас жалам што повеќе од 20 години во кои имало разни министри од различна етничка припадност, од различна политичка припадност не успеале да го поместат ова прашање, па дури и откако е донесен Законот за употреба на јазиците. Но еве сега дојде време за да разгледуваме некое решение, но за да дојде пред пратениците и истото го браниме заедно со министерот за правда ние ќе треба да го почекаме најпрвин мислењето од Венецијанска комисија“, нагласи Мицкоски.