Српскиот претседател Александар Вучиќ на социјалните мрежи објави дека имал телефонски разговор со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на кој ја потврдиле подготвеноста за натамошно унапредување на билатералната соработка и добрососедските односи меѓу двете земји.

Во објава на Инстаграм Вучиќ пишува дека во разговорот се разменети мислења за важни регионални прашања, можностите за продлабочување на соработката и за посилно поврзување во областите од заеднички интерес.

Содржајниот разговор со Гордана Сиљановска-Давкова потврди дека меѓу нашите земји постои подготвеност да продолжиме да ги развиваме блиските и пријателски односи. Разменивме мислења за важни регионални прашања, понатамошно унапредување на соработката и можностите за уште посилно поврзување во областите од заеднички интерес“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Според него, Србија останува посветена на зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, како и на јакнењето на соработката со Северна Македонија, оценувајќи дека тоа е во интерес на граѓаните на двете земји и на целиот регион.

Разговорот, како што објави српскиот претседател, претставува потврда на заедничката определба на Белград и Скопје за понатамошно унапредување на економската соработка, инфраструктурното поврзување и заедничките напори за зачувување на мирот и стабилноста во регионот.