И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно, имавме политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија, тоа е пораката и до Македонија, да се има јасна цел, да се посветите на дијалогот и да се прават напори таа цел да се оствари, вели амбасадорката на Хрватска во Скопје Нивес Тигањ.

– Северна Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни, затоа сметаме дека заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство – да се одржи првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на пристапните преговори, изјави амбасадорката на Хрватска во Скопје, Нивес Тигањ.

Таа вели дека Хрватска го поттикнува и поддржува дијалогот меѓу Македонија и Бугарија за изнаоѓање решение и додава дека е потребно и продолжување на реформскиот процес, со консензус на сите политички сили во државата.

-Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија, рече амбасадорката во интервју за МИА и додаде дека токму таа цел даде сила за дијалогот и изнаоѓање компромисно решение.

Таа смета дека ЕУ е перспективата на регионот и дека Унијата е посветена на политикатата на проширување со Западниот Балкан.

-На тој начин 1 јули 2013 година станавме членка на Европската Унија. Значи, важно е, и тоа е пораката и до Македонија, да се има јасна цел, да се посветите на дијалогот и да се прават напори таа цел да се оствари, рече Тигањ.

Освен силната политичка поддршка, Хрватска им дава силна техничка поддршка на институциите на Македонија, со цел да бидат што поподготвени во преговарачкиот процес со Европската Унија, вели Тигањ.

-Ние кога станавме полноправна членка на Европската Унија, значи, кога ја завршивме нашата преговарачка работа, одлучивме сите наши знаења, искуства, студии и експертиза да ги ставиме на едно место, да ги зачуваме, односно да ги активираме на начин да ги поделиме со сите земји од Југоисточна Европа во нивниот пристапен процес. Воедно, тоа е и наша јасна определба и доказ колку сме посветени и колку ги поддржуваме сите земји од регионот во нивниот пристапен процес“, нагласи хрватската амбасадорка Нивес Тигањ.