Лидерот на НСДП Тито Петковски на Фејсбук реагира по денешната средба што ја организира бугарскиот претседател Румен Радев во Софија за македонско бугарските односи и за условите во напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.
Во продолжение го пренесуваме ставот на Тито Петковски:
„Претседателот на Бугарија Румен Радев организирал средба со „експерти”,на тема состојбите и перспективите на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Клучна тема (според соопштението од неговиот кабинет) била, лошата состојба на македонските граѓани кои, според етничката припадност се декларирале како Бугари. И се разбира, бараат од македонските власти тие да се унапредат и да се доведат до стандардите на човековите права и слободи, што важат во ЕУ.
Никаде не стои во извештајот, од каде ги црпеле тие информации бугарските власти.
За разлика од нив, Европскиот суд за човековите права, по тринаесетти пат носи одлука, според која, Бугарија масовно ги крши човековите права и слободи на Македонците во Бугарија. Со последната одлука, Европскиот суд ја задолжува Бугарија, најдоцна до јуни оваа година, да ја регистрира Организацијата на Македонците во Бугарија „Илинден”.
Се разбира, никој не очекува дека Бугарија ќе ја изврши оваа одлука. И оваа ќе помине како и предходните.
Значи, од една страна имаме впечаток на бугарските власти за кршење на правата на македонските граѓани што се декларираат како Бугари. Од друга страна пак, имаме одлука на надлежен Европски суд дека правата на Македонците во Бугарија, реално се кршат и да ги заштити, ја задолжува Бугарија да ја спроведе таа одлука.
Колку е некоректен и неевропски ставот на Бугарија кон Македонија и Македонците, говори фактот што, за гласање на претстојните парламентарни избори во Бугарија, од Македонија се пријавиле, се на се 328 лица (според официелниот извештај на бугарската Централна изборна комисија).
Ова сакам да го ставам на увид на македонската, бугарската и на европската јавност за тоа, кој го кочи развојот на бугарско-македонските односи и кој шири говор на омраза.
Каде се сокрија 100 или повеќе илјади Бугари во Македонија, за кои бугарските власти говорат неколку години наназад.
На крај сакам да ги утешам нашите пријатели од Бугарија дека Васил Гарванлиев, за чија судбина ламентираа дури и во Европскиот парламент, ќе ја претставува Македонија на Евросонг.