Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска во Битола одбележа 25 години од своето формирање, јубилеј посветен на четврт век служба во функција на безбедноста на граѓаните и државата. На свеченоста пред Офицерскиот дом беа истакнати улогата на единицата во безбедносниот систем, нејзиниот развој од формирањето во 2001 година до денес, како и заложбите за натамошна модернизација, опремување и професионално усовршување на припадниците.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека ЕБР денес претставува еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем на државата, нагласувајќи дека единицата има клучна улога во справувањето со најсложените безбедносни предизвици.

– Денес ЕБР е многу повеќе од организациска единица во рамките на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност. ЕБР е еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем на државата. Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни. Во сложени полициски операции, во поддршка на други организациски единици, при обезбедување лица и објекти, при нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем, во ситуации во кои се потребни значителни полициски капацитети, но и секогаш кога граѓаните и државата се соочуваат со предизвици што бараат брза, организирана и професионална реакција – истакна Тошковски.

Осврнувајќи се на идниот развој на полицијата и безбедносните предизвици, министерот потенцираше дека организираниот криминал и современите ризици бараат нов пристап, модерна опрема и врвно обучен кадар.

– Безбедносните предизвици денес се многу поразлични од оние пред дваесет и повеќе години. Организираниот криминал постојано се менува. Криминалните структури стануваат сѐ помобилни и пософистицирани. Современите безбедносни ризици бараат побрза размена на информации, подобра координација, современа технологија, специјализирана опрема и, пред сѐ, врвно обучени луѓе. Затоа не можеме полицијата на иднината да ја градиме со методите од минатото. Нашата цел е јасна: модерна, професионална, добро опремена и мотивирана македонска полиција, способна да одговори на сите предизвици на современото време – рече Тошковски.