Министерот апелира за внимателност и вели дека МВР не испраќа вакви пораки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во „Само интервју“ на Канал 5 изјави дека лажните пораки што граѓаните ги добиваат за наводни сообраќајни прекршоци и казни се измама и најчесто доаѓаат од странски телефонски броеви.

Тој нагласи дека ваквите пораки лесно може да се препознаат и дека не станува збор за комуникација од Министерството за внатрешни работи.

„Во однос на фишингот, односно лажните пораки што ги испраќаат до македонските граѓани, упатив една порака и претходно. Значи, од македонски број не може да стигне лажна порака за да платите на ова или на тоа. Сите оние лажни пораки стигнуваат од странски броеви и многу лесно може да се идентификува дека тоа не е Министерството за внатрешни работи, туку некој што се обидува на нелегален начин да ги измами граѓаните“, изјави Тошковски.

Апел да се игнорираат сомнителни пораки

Министерот додаде дека граѓаните треба да бидат внимателни и да не реагираат на вакви пораки, бидејќи станува збор за обиди за измама.

„И повторно напоменувам, кога станува збор за странски број што упатува таков тип порака, ‘платете тука’ или ‘платете онде’, тоа треба да се игнорира, затоа што станува збор за измама“, рече тој.

Дигитализацијата како дел од технолошкиот развој

Тошковски се осврна и на дигиталните услуги, нагласувајќи дека државата мора да го следи технолошкиот развој и да воведува современи решенија.

„Светот мора да се развива, мора да одиме напред. Но тоа не значи дека не треба да ги применуваме сите овие нови технолошки решенија што ни се нудат во 21 век“, истакна министерот.