Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека Ива Михаилова незаконски ја напуштила Македонија. Случајот предизвика различни тврдења за тоа како таа ја преминала границата: според МВР, во системот за гранична контрола нема евидентиран нејзин излез, додека Михајлова и нејзиниот адвокат велат дека заминале легално.
Јавното обвинителство во Кочани соопшти дека Михаилова ги прекршила изречените мерки и поднело предлог за определување притвор поради опасност од бегство. Ако судот го прифати предлогот, ќе биде издадена наредба за распишување меѓународна потерница, по што може да следува и барање за екстрадиција.
Михаилова, обвинета во судската постапка за сообраќајната несреќа со смртни последици на патот Кочани–Штип, во изјава за бугарските медиуми рече дека ја напуштила земјата со својот адвокат и дека граничните службеници знаеле за кого станува збор. Таа претходно тврдеше дека ја преминала границата легално, со лична карта.
Надлежните институции треба да ги утврдат околностите под кои таа заминала во Бугарија. Судската постапка во Македонија продолжува.
