Недостаток на полицајци на терен и превработеност во административниот сектор

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека во Министерството постои нерамномерна распределба на кадарот.  На терен недостигаат полициски службеници, додека во административниот сектор има превработеност. Поради ова, како што најави, во тек е подготовка на нов Закон за внатрешни работи и нов Закон за полиција. Како и систематизација која ќе доведе до поефикасно трошење на буџетските средства и зголемување на присуството на полицијата на терен.

„Во поголем дел од државата, особено на позиции каде што полицајците се изложени на напорна работа, има недостиг на кадар. Од друга страна, во административниот сектор, каде што нема ризик, има превработеност. Работиме на нови законски решенија и систематизација за да се обезбеди баланс,“ изјави Тошковски за време на посетата во Тетово.

Оперативен план за подобрување на безбедноста

Тошковски посочи дека веќе е започнат оперативен план за внатрешна мобилност, со кој преку реорганизација ќе се подобри безбедноста во Скопје, а следен град каде што ќе биде имплементиран планот е Тетово. Тој најави дека во рок од две недели ќе има видливи разлики во безбедносната состојба.

„Ќе овозможиме полициските службеници да бидат видливи на терен, а за тоа да се случи, потребно е да има реална распределба на кадарот. Наместо превработеност во администрацијата, ќе имаме повеќе полицајци на улиците,“ додаде министерот.

Поголеми плати за полицајците

Како дел од реформите, Тошковски објави дека мартовската плата, која ќе биде исплатена во април, ќе биде зголемена за околу 10%. Оваа одлука е договорена со Владата, премиерот и Министерството за финансии.

„Сметам дека платите треба да бидат уште повисоки, особено за оние кои секојдневно го ризикуваат својот живот. Во иднина ќе работиме на континуирано зголемување на примањата и подобрување на условите за работа на полициските службеници,“ истакна Тошковски.

Министерството за внатрешни работи најавува дека со новите законски измени и кадровски реформи, граѓаните ќе добијат поефикасна и подобро организирана полиција.