СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека на прославата по повод 35 години независност упатил повик за единство, но веднаш потоа испратил, како што велат од партијата, заканувачка порака со најавата дека ќе „расчистува со талогот“. Од опозициската партија реагираат и на тоа што Мицкоски на свеченоста седел до државниот обвинител Ненад Савески.
„На прославата за 35 години независна Македонија, Мицкоски побара „да не се делиме“, па веднаш се закани дека ќе „расчистува со талогот“ и седна до државниот обвинител Ненад Савески. Исто како менторот Вучиќ. Повторно копи-пејст. Прво навредување, а потоа повик на единство. Хипокризија во најчиста форма“ реагираат попладнево од опозициската СДСМ.
Од партијата велат дека на годишнината од независноста премиерот најпрво говорел за единство, за жртвите и за иднината, но потоа, според нив, продолжил со она што го нарекуваат стара „фашистичка реторика“ поврзана со „талог“ кампањата што ја води од Илинден наваму.
Тие посочуваат дека седењето на Мицкоски до државниот обвинител дополнително ја засилувало пораката што, според нив, ја испратил во својот говор.
„Велат „на јубилејот на независноста премиерот прво зборува за единство, за жртвите, за иднината. Потоа ја активира истата стара фашистичка реторика на „талог“ кампањата што ја води од Илинден наваму, по теркот од најмрачните периоди. И за да биде пораката кристално јасна, седнува до државниот обвинител. Ова не е државнички говор. Ова е отворена закана. Ова е порака: ние ги контролираме институциите, ние ќе „расчистуваме“, ние одлучуваме кој е талог, а кој е ВМРО, тоа е криминална елита“.
СДСМ потоа ја нападна и работата на Владата, наведувајќи дека токму власта, според нив, претставува пример за она што Мицкоски го критикува во својот говор.
„Додека зборува за правда и за тоа дека „талогот не смее да стане елита“, неговата Влада е најголемиот пример токму за тоа – криминални тендери, задолжувања од 4 милијарди евра за две години, мито дури и кај директорите и возачите, поделби, заплашување на критичарите и медиумите. Граѓаните не се талог. Опозицијата не е талог. Критичарите не се талог. Талог е оној што ја злоупотребува власта, што ги дели луѓето, што седи до обвинителот и испраќа закани на денот на независноста“ велат од СДСМ и информираат дека ќе продолжат да ја бранат „демократијата, слободата на говор и правото на секој граѓанин да не биде обележан како „талог“ само затоа што мисли поинаку“.
Од опозициската партија на крајот порачаа:
„Народот ќе победи. Криминалците ќе одговараат. Власта ќе биде вратена на граѓаните“ велат од СДСМ.
