Подготовки за „Безбеден град“ и „Безбедна држава“

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека на средина на ноември би можел да започне пробниот период на системите „Сејф сити“ и „Безбедна држава“, доколку законската регулатива биде комплетирана. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, тој изјави дека целта е тестирањето да трае најмалку еден месец пред 1 јануари 2026 година.

Законски измени како предуслов

Според министерот, почетокот на системот зависи од усвојувањето на неколку закони кои се во собраниска процедура – меѓу кои Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за прекршоци. Измените во Законот за возила веќе се изгласани, а останува да се решат Кривичниот законик и Законот за извршување санкции.

Конфискација на возила за тешки прекршоци

Тошковски истакна дека за него нема дилеми околу конфискацијата на возила за тешки сообраќајни инциденти. „Ако лице управува возило без возачка дозвола или со екстремно надминување на дозволената брзина, тоа возило треба трајно да биде одземено. Такви практики постојат и во други држави, како Словенија“, нагласи министерот.