Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, вечерва присуствуваше на традиционалниот годишен концерт на Културно-уметничкото друштво „Китка“ од Драчево. Со овој свечен настан ансамблот одбележа значаен јубилеј од 58 години постоење и континуирана културна дејност.
Пред присутните гости во салата, градоначалничката го истакна огромното значење на ова фолклорно друштво. Ансамблот брои околу 150 активни членови и зад себе остава исклучително плодна работна година исполнета со над 30 хуманитарни и ревијални настапи низ целата држава, како и низа успешни меѓународни турнеи.
„КУД „Китка“ е едно од најзначајните обележја на Драчево и вистински културен бренд на Општина Кисела Вода. Посебна почит и благодарност упатувам до уметничките раководители кои денес го водат овој процес – Билјана Тасевски, професионална играорка и ороводец во ансамблот „Танец“, и Симона Петковска, која работи со најмалата група почетници и со средната група. Секако, голема благодарност и почит и до сите оние кои низ годините наназад биле дел од „Китка“, вложиле свој труд и оставиле силен печат во градењето на ова културно-уметничко друштво. Општина Кисела Вода отсекогаш знаела да ја препознае вистинската вредност. Поддршката што со години наназад ви ја даваме, а која продолжува и денес, не е само обврска, туку наша гордост и инвестиција во зачувувањето на нашиот идентитет. Ќе продолжиме да стоиме зад вас и да ги поддржуваме вашите проекти и патувања“, истакна Стаменкоска Трајкоска.
По официјалното обраќање, на сцената настапија играорците од КУД „Китка“, кои пред воодушевената публика изведоа богат репертоар составен од традиционални македонски ора и изворни песни. Фестивалската вечер беше надополнета и со специјални изведби на нивните гости – етно фолк составот „Седум осмини“ од Скопје и членовите на КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово.
