Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во емисијата „Претрес со Ландов“ пренесе сведоштво од сограѓанин кој раскажал дека неговата мајка починала откако се обидела да спречи кравите да влезат во нивниот имот. Според изнесеното сведоштво, жената била нападната од добитокот, почнала да бега, по што доживеала срцев удар и починала на лице место.
Митовски посочи дека синот на починатата дошол кај него на прием и детално му го пренел случајот. Стресот како причина за срцевиот удар беше наведен при пренесувањето на ова сведоштво, при што за време на разговорот не беше презентирана медицинска документација.
„Зарем треба да ни се случат нови такви или слични ситуации за некој во државата да каже дајте да ставиме крај на овој проблем?“, праша Митовски.
Градоначалникот алармираше дека последиците од добитокот што се движи без контрола не завршуваат само со штетите врз приватните ниви и имоти. Во разговорот тој посочи сериозни ризици за градските извори за водоснабдување, како и за општата безбедност во сообраќајот.
„Ние изминативе години имавме угинати говеда и крави во непосредна близина на самите главни извори“, рече Митовски, предупредувајќи на можните здравствени и епидемиолошки ризици.
Митовски додаде дека постојаното движење на добитокот по патиштата претставува голема опасност за учесниците во сообраќајот, потенцирајќи дека проблемот мора институционално да се реши пред да настанат нови тешки несреќи.
