Вработен во ЈП „Комуналец“ – Гостивар го загубил животот при чистење одводни канали во атарот на гостиварското село Горно Јеловце, соопшти СВР Тетово.
Пронајден во канал за вода
Случајот бил пријавен на 15 јуни во 12:47 часот, откако било забележано починато лице во канал за вода. Полициски службеници веднаш пристигнале на местото и утврдиле дека станува збор за Н.М. (64) од селото Дебреше, вработен во гостиварското комунално претпријатие.
Се заглавил при извршување на работните задачи
Според првичните информации, работникот заедно со своите колеги пристигнал на локацијата за да ги исчисти каналите наменети за собирање проточни води. Додека ги извршувал работните задачи, тој се заглавил во еден од одводните канали.
Телото е предадено на обдукција
Работникот бил извлечен од екипа на Територијалната противпожарна единица – Гостивар, по што лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.
