Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека на границата со Мексико, доколку биде реизбран за шеф на државата, ќе испрати илјадници војници кои моментално се стационирани во странство.
Трамп ова им го кажа на своите приврзаници на митинг во сојузната држава Ајова, каде во јануари ќе биде првото гласање за номинација на Републиканската партија за претседателските избори во САД, кои ќе се одржат во ноември следната година.
Бранот илегални имигранти кои ја минуваат границата на Мексико со САД Трамп го нарече „инвазија“ и за тоа ја обвини владата на актуелниот американски претседател Џо Бајден.
Откако ќе ја преземам функцијата, веднаш ќе ги поништам сите политики на отворени граници на администрацијата на Џо Бајден, рече Трамп на настанот во Дубук.
Јасно ќе кажам дека ќе ги искористиме сите неопходни ресурси за да ја запреме инвазијата, вклучително и трансферот на илјадници воени лица кои моментално се стационирани во странство – рече поранешниот претседател.
Администрацијата на Бајден вели дека ги користи сите достапни алатки за да се справи со илегалната имиграција и го повика Конгресот да донесе закон за да ги реши проблемите во системот.