Вашингтон предлага Москва и Киев меѓусебно да ги запрат нападите врз енергетски цели. Планот предвидува да биде поштедена украинската инфраструктура, а истовремено да престанат и украинските напади врз руските резерви на енергенси. За ова прашање американскиот претседател Доналд Трамп ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, најави државниот секретар на САД, Марко Рубио.

„Тоа би била одлична идеја, прекин на огнот врз енергетската инфраструктура, во чии рамки украинската инфраструктура не може да биде цел, како ни руските резерви на енергија. Тоа е идеален исход“, рече Рубио, пренесе „Фокс њуз“.

Американскиот државен секретар отвори и друго прашање за кое Вашингтон очекува решение. Тој наведе дека Украина во изминатите месеци, „намерно или не“, нападнала неколку товарни бродови поврзани со САД.

„Сепак, една работа што нè загрижува е тоа што во повеќе наврати во последните неколку месеци бродови поврзани со САД и американски испораки на нафта беа цел на напади од Украина, веројатно не намерно, но сепак беа цел. Тоа е прашање што мора да се реши. Не смееме да дозволиме да се случуваат такви работи“, рече Рубио.

Зеленски повеќепати јавно бараше од САД дополнителни пресретнувачи, но Трамп во повеќе наврати го одби барањето. Според наводите, причината се намалените американски резерви поради војната на САД против Иран.

Трамп претходно побара од Украина да ја запре кампањата со беспилотни летала врз руските рафинерии, посочувајќи дека нападите влијаат врз цените на горивата.

И покрај тврдењата дека Зеленски се согласил со барањето, Украина во текот на изминатата недела изврши неколку големи напади врз руски рафинерии, вклучувајќи и рафинерии во Москва.