Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, потврди дека САД ја прекинаа воената помош и разузнавачката поддршка за Украина. Оваа одлука уследи по конфронтацијата во Овалната соба меѓу претседателот Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, што се случи минатиот петок.
Ретклиф: Трамп сакаше да „направи пауза“ во помошта за Украина
Според Ретклиф, Трамп изразил сомнеж во посветеноста на Зеленски кон мировниот процес.
„Трамп постави вистинско прашање за тоа дали претседателот Зеленски е посветен на мировниот процес и рече да направиме пауза“, изјави директорот на ЦИА за Fox Business, пренесе CNN.
Тој додаде дека се надева дека оваа пауза наскоро ќе биде укината и дека САД ќе продолжат да работат со Украина на постигнување мир.
„Ќе работиме рамо до рамо со Украина бидејќи мораме да ја запреме агресијата и да создадеме подобри услови за мировните преговори“, нагласи Ретклиф.
САД ja прекинаа воената помош за Украина и го ограничија разузнавањето
Висок американски воен функционер потврди дека САД веќе го ограничиле споделувањето на разузнавачки информации. Ова вклучува намалување на разузнавачките летови, надзорните мисии и извидувањата, што директно влијае врз офанзивните и одбранбените операции на Украина, особено противвоздушната одбрана.
Украина во голема мера зависи од разузнавачките податоци на САД, па овој прекин може да има критично влијание врз бојното поле.
Транзицискиот тим на Трамп беше предупреден за последиците
Според извор запознаен со разговорите, уште пред инаугурацијата на Трамп, Ретклиф и транзицискиот тим биле информирани од американски официјални лица за важноста на разузнавачката соработка со Украина.
Во меѓувреме, украинските и американските воени претставници анализираат како овој прекин на воената помош ќе влијае врз натамошниот тек на војната, објави CNN.