Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рамковниот договор со Иран сè уште не е конечен и предупреди дека САД повторно би можеле да прибегнат кон воени дејства доколку не биде задоволен од договорот што се очекува да биде потпишан в петок во Швајцарија. Според него, судбината на документот ќе зависи од однесувањето на Техеран, пренесува Би-Би-Си.
Говорејќи на самитот на Г7 во Франција, Трамп порача: „Ако не се однесуваат добро, ќе се вратиме на фрлање бомби директно врз нивните глави“.
Изјавата доаѓа пред средбата меѓу американските и иранските претставници во Швајцарија, каде што в петок се очекува да биде потпишан договорот, односно меморандумот, чии детали сè уште не се официјално објавени.
Според досегашните информации, документот предвидува постепено олеснување на санкциите и отворање пат за големи инвестиции во Иран.
Во меѓувреме, Техеран го обвини Израел дека го прекршил примирјето во Либан и предупреди дека нова ескалација би можела да ги загрози дипломатските напори.
Од друга страна, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека рамковниот документ претставува шанса што Иран не смее да ја пропушти. Медиумите посебно коментираат една од точките во нацртот, според која треба да се формира приватен фонд од 300 милијарди долари. Средствата Иран би ги добивал сукцесивно, во зависност од исполнувањето на обврските од договорот.
