Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва упати остра критика кон американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека светските лидери треба да градат односи врз почит, а не преку закани и страв.
„Трамп нема право да се разбуди наутро и да ѝ се заканува на некоја држава“, изјави Лула, осврнувајќи се на заканата од 7 април за „уништување на иранската цивилизација“.
„Тој не е избран за тоа и неговиот Устав не го дозволува тоа“, додаде бразилскиот претседател.
Лула го оцени пристапот на Трамп кон надворешната политика како „многу погрешна игра“, заснована на претпоставката дека воената и економската моќ на САД му дава право да ги диктира правилата.
„Никој нема право да ги плаши другите. Моќните треба да преземат поголема одговорност за одржување на мирот“, нагласи тој.
Бразилскиот претседател истакна дека самиот преферира политика заснована на почит, наместо на заплашување.
Тој повика и на одржување слободни избори во Венецуела без надворешно мешање, оценувајќи дека не е прифатливо САД да се обидуваат да влијаат врз внатрешните процеси во други држави.
Лула и Трамп со години имаат спротивставени ставови, а бразилскиот лидер потсети дека и покрај разликите, односите меѓу државите треба да се водат со зрелост и дијалог.
