Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека веројатно ќе ја тужи Би-Би-Си следната недела за дури 5 милијарди долари откако британскиот радиодифузер призна дека погрешно монтирал видео од неговиот говор, но инсистираше дека нема правна основа за неговото барање, јави Ројтерс.

„ПРИФАЌАМЕ ДЕКА НАМЕРНО СЕ СОЗДАЛ ПОГРЕШЕН ВПЕЧАТОК“: Би-би-си му се извини на Трамп

Британската радиодифузна корпорација е во најголемата криза во последните децении откако двајца високи лидери поднесоа оставки по обвинувањата за пристрасност, вклучително и поради монтирањето на говорот на Трамп на 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи го нападнаа Капитол.

Адвокатите на Трамп првично поставија рок до петок за Би-Би-Си да го повлече својот документарец или да се соочи со тужба за „не помалку од“ 1 милијарда долари.

Тие, исто така, побараа извинување и надомест за она што го нарекоа „огромна штета на угледот и финансиска штета“, според писмото до кое увид има Ројтерс.

Би-Би-Си, која призна дека монтирањето на забелешките на Трамп било „грешка во проценката“, испрати лично извинување до Трамп во четвртокот, но рече дека нема повторно да го емитува документарецот и го отфрли тврдењето за клевета.