Вашингтон ги прекина операциите, Техеран предупредува дека нема да остане без реакција

Американската војска соопшти дека се запрени нападите врз Иран, кои беа изведени по инцидентот во кој беше соборен американски хеликоптер „Апачи“. Во меѓувреме, Иран порача дека ќе одговори на американските акции и ги осуди нападите како кршење на неговиот суверенитет.

Според информации на „Волстрит журнал“, американскиот претседател Доналд Трамп првично не сметал дека е потребен воен одговор по инцидентот со хеликоптерот.

Тој, како што наведува медиумот, во текот на денот го минимизирал случајот и пред новинарите изјавувал дека тоа „не е голема работа“.

Одлуката се сменила по брифинг во Белата куќа

Ставот на Трамп се променил по состанок со секретарот за одбрана Пит Хегсет и началникот на Здружениот Генералштаб, генерал Ден Кејн.

Во меѓувреме, Асошиетед прес објави дека американскиот хеликоптер „Апачи“ се урнал по судир со ирански дрон.

Според нивните извори, засега не е целосно утврдено дали судирот бил намерен или случаен, но американското воено и безбедносно раководство проценило дека инцидентот бара силен одговор.

По брифингот, Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објавил дека „Иран соборил хеликоптер“ и порача дека САД „мора да одговорат на овој напад“.

Неколку часа подоцна следувале американски воздушни и ракетни напади врз ирански цели.

Нема да се двоумиме да одговориме

Министерството за надворешни работи на Иран денеска ги осуди американските воздушни напади, оценувајќи ги како „јасно кршење“ на националниот суверенитет.

Во истото соопштение, Техеран испрати предупредување и до земјите од Блискиот Исток кои се домаќини на американски воени сили.

„Иранските вооружени сили нанесоа голема штета на американските бази и позиции во регионот кои служеа како почетна точка за овие напади“, соопшти Министерството.

Оттаму додаваат дека Иран „нема да се двоуми да ги нападне самите извори на нападите“ доколку ваквите акции продолжат.