Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД би можеле да воведат „многу високи царини“ доколку Канада добие статус на прва „придружена членка“ на Европската Унија. Трамп предлогот го опиша како „смешен“ и порача дека Вашингтон би можел да преземе и пошироки трговски мерки доколку процени дека станува збор за непријателски потег кон САД.

Тој сепак остави можност за договор доколку, како што рече, намерите на европските партнери се добри. Во спротивно, предупреди дека Европа би можела да се соочи со „исклучително високи царини“, а во одредени сектори и со целосен прекин на трговијата со САД.

Предлогот за унапредување на односите со Канада го изнесе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во средата, во годишното обраќање за состојбата во Унијата. Таа оцени дека продлабочувањето на партнерствата е потребно за зајакнување на отпорноста и демократијата.

Од Европската комисија порачаа дека иницијативата нема конфронтациска цел и дека соработката со Канада не е насочена против Вашингтон.

„Предложеното зајакнување на нашето партнерство со Канада не е насочено против никого, туку служи на нашата заедничка сила“, изјави заменик-главниот портпарол на Комисијата, Олоф Гил.

Од Европскиот парламент стигна поостра реакција на заканите на Трамп. Белгиската европратеничка Кетлин Ван Бремпт порача дека американскиот претседател не треба да има право на вето врз идните партнерства на Европа и дека притисокот нема да ја спречи соработката со Канада.

Идејата за „придружено членство“ засега нема разработен модел во рамките на Европската Унија. За воведување таков статус би биле потребни одлуки на Советот на ЕУ и согласност од Европскиот парламент.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека земјите членки сè уште не се усогласиле околу понудата до Канада. Тој посочи дека целта е воспоставување што е можно поблиски односи со Отава, но дека конкретниот предлог прво треба да биде разгледан и детално анализиран.

Канадскиот премиер Марк Карни ја поздрави иницијативата во обраќањето пред европратениците во четвртокот. Тој ја пофали Фон дер Лајен за понудата, но не навлезе во конкретните детали за тоа како би функционирал евентуалниот статус на придружена членка.