Професионалните војници во македонската Армија добиваат можност да продолжат со службата и по навршувањето на 45-тата година, сè до пензионирањето. Ова се овозможува преку спроведување на реформата за трансформација на работниот однос.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски информираше дека се потпишани договорите со професионалните војници опфатени со оваа реформа, со што се обезбедува задржување на искусниот кадар во одбранбениот систем.
„Денеска со особена чест ги потпишавме договорите со професионалните војници кои благодарение на реформата за трансформација на работниот однос добиваат можност да останат во македонската Армија по навршувањето на 45-тата година, сè до нивното пензионирање“, објави Мисајловски.
Тој посочи дека наместо да ја напуштат службата, професионалните војници ќе продолжат да бидат дел од системот на одбраната, ставајќи ги своето знаење, искуство и професионалност во функција на Армијата и државата.
„Кога реформата носи конкретни резултати, задоволството е уште поголемо“, истакна Мисајловски, упатувајќи благодарност до припадниците на Армијата за нивната посветеност и подготвеност да продолжат да служат со чест и достоинство.
Со оваа законска и системска мерка се овозможува продолжување на професионалната служба на војниците и долгорочно задржување на нивното стекнато искуство во редовите на вооружените сили.
