Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас денеска изјави дека пресудите против двајца Британци осудени на смрт во источна Украина ја прекршуваат Женевската конвенција.
– Пресудата против нив е грубо кршење на Женевската конвенција, напиша Трас на Твитер по разговорот со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Таа разговарала со Кулеба за тоа како да се интензивираат напорите за ослободување на воените заробеници на проруските територии во Украина.
Врховниот суд на самопрогласената Народна Република Доњецк (ДНР) вчера осуди на смрт двајца британски државјани и еден Мароканец за, како што се наведува, учество во непријателства на страната на украинските вооружени сили како платеници. Ден претходно Врховниот суд на ДНР објави дека Британците Шон Пинер и Ајден Аслин и Саудун Брахим, од Мароко, кои се бореле на страната на Украина, делумно ја признале вината.