Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на своето гостување во емисијата „Топ тема” на Телма телевизија зборуваше за измените на Законот за работни односи, зголемувањето на платите во јавниот сектор и за последните случувања по прашањето за родовата еднаквост на ниво на државата.

Министерството за труд и социјална политика се вклучува во подготовката на законските одредби за прекувремената работа на работниците во проектот за изградба на коридорите 8 и 10д од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“, што се доставени во Собранието на предлог на пратеници.

„Предлогот што е даден во Собранието не ја утврдува горната граница. Затоа разговараме со предлагачите на Законот во Собранието, со пратениците, за да се утврди горната граница. Да се знае колку најмногу може. Разговаравме и ќе видиме и уште ќе разговараме. Секако ќе се донесе закон кој ќе ги штити правата на работниците“, рече министреката Тренчевска

Дали ќе работат дополнителни часови, работниците ќе одлучуваат самите со потпишување на работните договори. Дополнителните часови, рече таа, ќе им бидат платени

Според неа, колку ќе се работи прекувремено ќе зависи од процесот на работа и временските услови, а за горната граница се разговара. Јавноста, посочи, била изманипулирана дека сите работници на коридорите ќе работат 60 часа неделно.

-Ако сакаме брза изградба треба да има прекувремена работа, таа ќе биде платена и од секој работник ќе има писмена согласност, посочи Тренчевска.

Коментирајќи ги критиките од синдикатите дека не биле консултирани за измените на Законот за работни односи, рече дека се работи за стратешки проект со исклучително влијание на развојот на општеството.

-Во таков случај мора да имаме исклучоци во делот на работното време, но со согласност со работникот и мора да се знае горната граница, а тоа го разговараме, посочи Тренчевска.