Препораката за трета доза, според Филипче, се препорачува кај граѓаните над 60 години, кај здравствените работници и кај сите пациенти со имунокомпромитирани состојби. Третата доза вакцина ќе се прима најмалку 6 месеци по примената втора доза.
Процесот ќе започне од понеделник, а граѓаните од овие категории преку системот „Мој термин“ ќе добијат смс порака дека можат да ја примат третата доза вакцина.
„Согласно сознанијата, таа треба да биде од производителот Фајзер, а ќе видиме понатаму дали ќе има препораки од други производители“, изјави Филипче.
Тој најави дека ќе стигне и донација од 250.000 дози од вакцината „Џонсон“ од Данска, која има рок на траење до 2023 година.
За наредниве денови Филипче најави дека ќе се презентира методилогијата за скрининг на учениците во основни и средните училишта.
„Факт е дека има трансмисија меѓу учениците, која е многу мала, но често децата се асимптоматски носител. Во наредниве денови ќе се знае колкава бројка ученици ќе бидат тестирани за да се добие репрезентативен примерок“, изјави министерот за здравство.
Тој изјави дека засега 37 проценти од населението во државата има примено барем една доза вакцина.