Третиот бран на пандемијата на коронавирус во Африка се шири брзо и тешко го погодува континентот каде има недостиг на вакцини, предупреди регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО). Во Африка, третиот бран добива на интензитет, се шири побрзо и удира посилно“, рече Матшидисо Моети, директорка на СЗО за Африка.
„Поради брзото зголемување на бројот на случаи, последниот бран може да биде најлош во Африка досега“, предупреди таа на виртуелна прес-конференција.
Според СЗО, бројот на заразени расте пет недели по ред од почетокот на третиот бран на 3 мај. На 20 јуни, 48-от ден од почетокот на третиот бран, Африка пријави околу 474.000 новозаразени, што е зголемување за 21 процент во однос на првите 48 дена од вториот бран.
СЗО соопшти дека пандемијата повторно се шири во 12 африкански земји.
Во Демократска Република Конго (ДРК) околу 77 проценти и во Уганда околу 97 проценти од дијагностицираните случаи се поврзани со индискиот сој.
„Оваа варијанта, прва откриена во Индија, е пријавена во 14 африкански земји“, додаде СЗО.
Повторното ширење на пандемијата во Африка се случува во време на недостиг на вакцини на континентот каде што, според СЗО, нешто повеќе од 1 процент од населението е целосно вакцинирано.