Три пожари сè уште се активни

До 14 часот денеска во Македонија се регистрирани вкупно осум пожари на отворен простор, информираше Центарот за управување со кризи.

Според информациите од ЦУК, три пожари се активни, еден е ставен под контрола, а четири се целосно изгаснати.

Гори кај Дебар, Куманово и Пехчево

Активни пожари има во Општина Дебар, кај селото Гари, каде што гори ниска вегетација и нискостеблеста мешана шума.

Пожар е активен и во Општина Куманово, во населбата Перо Чучо, каде што гори депонија и ниска вегетација, како и во Општина Пехчево, на депонијата во Пехчево.

Еден пожар е под контрола, четири се изгаснати

Под контрола е ставен пожарот на депонијата во селото Дворци, во Општина Пласница.

Целосно се изгаснати пожарите во Општина Валандово, кај селото Казан Дол, во Општина Гази Баба, кај селото Инџиково, во Општина Старо Нагоричане, кај селото Руѓинце, како и во Општина Врапчиште, во близина на „Риал Компани“. Во сите случаи, според ЦУК, горела ниска вегетација.