Денеска, 29 август, се навршуваат 30 години од трагедијата кај Берово, кога удари од гром усмртија девет лица, а повредија повеќе од 50 верници собрани кај манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“. Несреќата се случи на 29 август 1996 година, ден по Голема Богородица, бидејќи народниот собир и заедничкиот ручек биле поместени за следниот ден за на трпезата да може да се послужи месо од јагнињата дарувани од верниците.

Кај црквата, на околу половина километар од Берово кон Беровското Езеро, според тогашните процени биле собрани меѓу 10.000 и 20.000 луѓе од различни делови на Македонија. Околу 15 часот небото за кратко време се затемнило, удриле громови и започнал силен дожд, а само неколку минути подоцна повторно се појавило сонце. Сведоштвата за бројот на ударите се разликуваат, но дел од очевидците раскажувале дека гром погодил во оградата и орев во дворот, а друг во просторот каде што биле поставени големите метални казани за подготовка на ручекот.

За само неколку минути празничниот собир се претворил во хаос, со луѓе кои паѓале на земјата, повредени со изгореници и стотици присутни кои се обидувале да најдат засолниште во малиот храм. Во трагедијата животот го загубиле девет лица, а според различни извори биле повредени меѓу 40 и 52 луѓе, од кои потешко повредените биле пренесувани на лекување во Кочани.

Беровскиот здравствен дом ги мобилизирал сите расположливи медицински екипи, а во градот истиот ден пристигнале и тогашниот премиер Бранко Црвенковски и министерот за одбрана Благој Ханџиски. Трагедијата подоцна била документирана и во книгата „Плачеше цела Малешевија“ на новинарите Љубинка Клинчарска и Васил Маневски, во која биле собрани сведоштва, фотографии и приказни за загинатите.

Меѓу населението со години се пренесувало верувањето дека поместувањето на собирот претставувало непочитување на празникот и дека Голема Богородица „зела курбан“, иако станува збор за народно предание без проверлива потврда. Од научен аспект, последиците од ударите може да се објаснат со ширењето на електричната струја преку влажната почва, металната ограда, дрвјата и другите проводници во простор во кој во тој момент имало илјадници луѓе. Три децении подоцна, секоја Голема Богородица во Малешевијата го враќа споменот на деветте луѓе кои на 29 август 1996 година заминале на традиционалниот собир кај Берово и никогаш не се вратиле дома.