На 35-та годишна Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, под мотото „Нашата генерација-нашата Македонија“, која се одржува во салата „Расадник“ во општина Кисела Вода, свое обраќање имаше претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески. Тој истакна дека мотото на годинашната конференција не претставува само обичен слоган, туку е јасен став и порака дека новите генерации нема да чекаат некој друг да им ја решава судбината или да ги решаваат проблемите со купување авионски билет во еден правец, туку цврсто одлучиле да останат, да работат и да градат иднина во сопствената држава.

Претседателот на УМС посочи дека Владата во младите луѓе гледа клучен партнер, кој го претставува срцето и иднината на државата, поради што во изминатите две и пол години посветено се работело на реализација на голем број проекти, меѓу кои издвои три од суштинско и витално значење за младинскиот стандард.

Како прва област на која детално се осврна беа условите во студентските домови, кои беа затекнати во исклучително лоша состојба, со скршени прозорци, оштетени тоалети, бојлери кои со месеци не работеле, влага по ѕидовите и простории во кои студентите наместо да се фокусираат на учењето, се соочувале со студ и инсекти.

„Тоа е минато! Студентскиот дом „Стив Наумов“ е целосно реновиран и денес 1.150 студенти живеат во услови достојни на европски студенти. По него следува „Кузман Јосифовски – Питу“, а тоа е само почеток. Планот ги опфаќа сите девет државни студентски домови, а за преостанатите седум се обезбедени околу 50 милиони евра. Ова не е проект за една година. Ова е одлука дека студентот во Македонија заслужува да живее достоинствено“, рече Конески.

Вториот проект што беше презентиран опфаќа мерки за поддршка на младите претприемачи преку јавни повици за самовработување, овозможувајќи им на невработените лица до 29 години со конкретна бизнис-идеја да добијат финансиски средства за започнување сопствен бизнис.

„Со години младите во Македонија слушаа дека ако сакаат да успеат, треба да си го бараат својот пат надвор. Ние велиме спротивно: ако сакаш да успееш, твоето место е тука во Македонија. Затоа оваа година, преку јавниот повик за самовработување, невработените млади до 29 години со добра бизнис-идеја имаа можност да добијат 10.000 евра неповратни средства за да го основаат својот бизнис. Тоа е порака од државата до младиот човек: веруваме во твоето знаење, веруваме во твојата идеја и веруваме дека иднината на Македонија е во твоите. Секој нов бизнис отворен од млад човек значи едно семејство помалку што ќе се раздели на аеродром, а едно ново работно место повеќе во нашите градови“, истакна Конески.

Како трета мерка беше издвоена програмата „Месеци на практиканство“, при што беше истакнато задоволството од нејзиното успешно спроведување и заживување на терен меѓу студентите и институциите.

„Студентите од државните универзитети влегоа во своите матични општини, не како гости и не за фотографија, туку како дел од тимовите. Учат како функционира локалната самоуправа, работат на вистински предмети, предлагаат решенија и ја градат врската меѓу тоа што го учат на факултет и тоа што го бара реалниот животот. Ова е само првиот циклус. Од следната година предвидуваме повеќе студенти, повеќе општини и вклучување на приватниот сектор, за секој студент кој сака да има шанса да добие реална прилика да придонесе“, порача, меѓу другото, Конески од годишната конференција на УМС.