Три случаи на тешко повредени работници се регистрирани во изминатите 24 часа во Виница, Охридско и Куманово, информира Министерството за внатрешни работи.

Во Виница, 42-годишен работник се здобил со тешки повреди откако паднал од висина додека извршувал работни задачи во фабрика.

„Вчера во 12:20 часот во ОВР Виница е пријавено дека при извршување работни задачи во фабрика во Виница, од висина паднал В.М.(42) од Виница и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Кочани, а потоа бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. За настанот е запознаен јавен обвинител, а полицијата извршила увид“, пишува во полицискиот билтен.

Во вториот случај, 36-годишен работник од струшкото село Мороишта е тешко повреден при работа на автопатот во изградба Охрид-Кичево.

„На 28.04.2026 во 09:40 часот во СВР Охрид е пријавено дека во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид со тешки телесни повреди на ногата бил донесен П.С.(36) од село Мороишта, струшко. Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување работни задачи за градежна фирма од Струга на автопатот во изградба Охрид-Кичево, односно при утовар-истовар на бетонски цевки паднала една цевка и го повредила, соопштија од полицијата. Увид на местото извршиле екипа од СВР Охрид и трудов инспектор“, велат од полицијата.

Третиот случај е регистриран во Куманово, каде 57-годишен работник се здобил со тешки повреди додека работел во каменолом.

„На 28.04.2026 во 13:34 часот во СВР Куманово е пријавено дека во каменолом на ул.„Народна револуција“ со тешки телесни повреди се здобил В.П.(57) од Куманово. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување на работни задачи во каменоломот, констатирани во болницата во Куманово. Увид извршила екипа од СВР Куманово и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР