Трите „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска се ангажирани во гаснењето на пожарот на Жеден, во Општина Јажинце, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Пожарот зафатил исклучително стрмен терен со густи грмушки, што го отежнува движењето и оневозможува пожарникарите директно да дејствуваат на теренот.

Поради тешко пристапниот терен, трите „ер трактори“ дејствуваат концентрирано на неколку точки, со цел да се спречи понатамошното ширење на огнот и постепено да се воспостави контрола врз пожарот.

„На тој начин ќе воспоставиме делумна контрола, а можеме до крајот на денот и целосна контрола на овој тежок за гаснење пожар“, изјави Ангелов во видеоизјава од местото на пожарот.

Ангелов упати благодарност и до тројцата пилоти на ДЗС кои секојдневно се ангажирани во гаснењето на пожарите. Тој посочи дека пилотите летаат ниско над огнените жаришта за да помогнат во справувањето со пожарите и нивното ставање под контрола.