Триесетина вработени во РЕК „Битола“ добиле симптоми на туење со храна и завршиле во боница. Сите се прегледани, соодветно третирани и пуштени на домашно лекување.

Со кујната во РЕК управува хотелот „Молика“. Оттаму велат дека во кујната редовно, на дневна основа, се земаат мостри од храната и се следи нејзиниот квалитет.

Од ЕСМ „Молика“ информираа дека не станува збор за масовен случај.

„Според досегашните информации, 4–5 лица побарале медицинска помош во болница, додека дел од останатите вработени го напуштиле работното место повикувајќи се на потенцијални тегоби, без притоа да побараат лекарска помош. Како превентивна мерка и со цел заштита на здравјето на вработените, лицата се упатени на дополнителни прегледи и анализи во Клиничката болница Битола, со цел утврдување на нивната здравствена состојба и евентуалните причини за појавените симптоми. Во моментов не може со сигурност да се утврди дали станува збор за труење од храна или за вирусна инфекција, имајќи предвид дека е период кога се зачестени вирусни заболувања. Конечните резултати ќе бидат познати по завршувањето на вонредниот инспекциски надзор. Истовремено, информираме дека во кујната редовно, на дневна основа, се земаат мостри од храната, со што се следи и потврдува нејзиниот квалитет и безбедност. Дополнително, не постои можност да се утврди дали сите засегнати лица ја консумирале храната, во кое време ја подигнале, ниту пак дали истата била складирана и чувана во соодветни услови по нејзиното преземање, што може да влијае врз нејзиниот квалитет. Јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни наоди и заклучоци од надлежните институции“, соопштија од ЕСМ „Молика“.

Извор: Нетпрес