Засилени контроли: Царината спречи серија обиди за шверц – лекови, чоколади, мотоцикл и религиозни предмети
Царинската управа на Македонија изминатите денови спречи повеќе обиди за криумчарење стока на граничните премини Деве Баир, Богородица, Табановце, Дојран и Гевгелија. Меѓу запленетите производи се лекови, стоматолошки материјали, очила со диоптер, цигари, облека, пари, религиозни предмети, па дури и крос мотоцикл.
Лекови и шверц на чоколади на Деве Баир
На граничниот премин Деве Баир, цариниците откриле сериозен обид за шверц на лекови – меѓу кои пет ампули од „Genotropin GoQuick“ и 50 вијали „Dysport“. Сторителот, кој патувал со автобус од Турција, во истиот обид се обидел да пренесе и 170 килограми мед, 177 чоколади, чаеви и брендирани фармерки, сè без пријава.
(ФОТО) ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЦАРИНА И БЈБ: Со македонски камион се носела дрога од Косово во Турција
„Поднесена е соодветна кривична пријава. Ваквите постапки претставуваат сериозно кривично дело“, соопштија од Царинската управа.
Богата листа на заплени на Богородица
Мобилен тим на преминот Богородица запленил над илјада стоматолошки материјали – од прибор за импланти до средства за белење и изработка на круни. Истиот премин бил место каде се откриени и 58 штеки цигари, сокриени во три камиони и едно патничко возило, сместени под душек, во прегради и филтери.
Табановце: пари, мотоцикл и верски предмети без дозвола
На преминот Табановце цариниците заплениле 6.000 евра, голема количина облека и обувки од патник кој не ги пријавил. Во друго возило, македонски државјанин се обидел да внесе крос мотоцикл од Германија без документација. Дополнително, патник на линија Белград–Уранополис превезувал над 2.000 религиозни предмети – бројаници, дрвени крстови и приврзоци, исто така без пријава.
Очилa и автомобилски делови во Гевгелија и Дојран
Во царинската испостава во Гевгелија други обиди за шверц. Таму запленети се над 600 очила со диоптер поради непоседување дозвола за увоз. На граничниот премин Дојран, откриени се 12 употребувани автомобилски делови и нова пумпа за кочење, скриени во автомобил со косовски таблички.
„Нулта толеранција за шверц“
Од Царинската управа информираат дека контролите на сите гранични премини се засилени.
„Нашите мобилни тимови постојано ја следат ситуацијата. Целта е јасна – нулта толеранција за шверц“, стои во соопштението.
Управата најави продолжување на засилените контроли и поднесување соодветни пријави против сите кои ќе се обидат да криумчарат стока, пари или предмети за кои е потребна посебна дозвола.
Извор: Плусинфо