Премиерот Христијан Мицкоски вели дека посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, била можност за содржаен и пријателски разговор. Во гостување на телевизија Алсат М, тој појасни дека нејзината порака не била кажана во смисла дека Владата не ги спроведува реформите, туку дека процесот сè уште е во застој и треба заеднички да се придвижи кон членство во Европската Унија.
„Не беше во таа смисла кажано. Туку беше кажано дека се уште некако како да стоиме и не успеваме да го придвижиме сите заедно процесот, а нашата заедничка цел е практично да бидеме еден ден дел од Европската Унија. Во таа смисла беше кажано тоа. Инаку нашиот разговор беше содржаен, пријателски разговор, кои го водат двајца пријатели“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека не е задоволен од динамиката на процесот. Ставот на Владата за уставните измени, како што рече, е јасен, а целта е да се најде начин процесот да продолжи. Мицкоски го спомена и документот што го објавила Европската комисија, оценувајќи дека тој охрабрува, но нагласи дека треба да биде усвоен од Европскиот совет.
„Јас не сум задоволен од динамиката на процесот, бидејќи уставните измени како такви, за нас како Влада ставот го знаете, јасен е. Нашата цел е практично да најдеме начин со што некако ќе го придвижиме процесот напред. Во меѓувреме се појави овој документ кој што го објави Европската комисија за кој што можам да кажам дека охрабрува, но тој документ на крајот на денот треба да биде усвоен од Европскиот совет“, рече Мицкоски.
На прашањето дали уставните измени и понатаму остануваат услов, премиерот одговори дека тој услов не е оспорен. Според него, претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ го прифатила како дел од процесот за членство во ЕУ, по промената на името.
„Никогаш ние не сме кажале дека тој услов не останува. За жал, претходната влада на СДСМ и ДУИ прифати нешто кое што е дел од овој процес. Но, она кое што беше наша цел од самиот почеток на Владата, ако ги оставиме оние будалаштини што ги кажува моменталното раководство на СДСМ и ДУИ дека сме ветувале, па сме излажале итн, ако ги оставиме тие будалаштини и зборуваме за реална политика, тогаш нашата цел беше да можеме да најдеме начин како тој процес да го задвижиме, а притоа да успееме да го задржиме достоинството, кое со прифаќање на тој услов ќе се согласите со мене апсолутно беше не само уништено, туку буквално закопано, ако се има предвид дека претходно на ова прифаќање му претходеше едно друго понижување, а тоа беше промената на уставното име“, дециден е Мицкоски.
