Еден градежен работник загина, а тројца се тешко повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода, информира за МИА, доктор Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош – Скопје.
Докторот Панов изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но, увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата. Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.
– Интервениравме со четири амбулантни возила, рече доктор Панов.
Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улица „Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници.
– Од нив, двајца се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, а во координација со Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита се преземаат мерки за вадење и на третото лице, велат од МВР.
И Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави детали за тешката несреќа што утринава се случи на градилиште на улицата „Козјак“, каде тројца градежни работници беа затрупани при ископ на темели.
Според ЦУК, првиот повик е примен во 8.14 часот, кога е пријавено дека работници се затрупани со земја и е побарана итна медицинска помош. Само четири минути подоцна, во 8.18 часот, следел втор повик од доктор Драган Панов од Итната медицинска помош, со барање за асистенција од противпожарните екипи за извлекување на затрупаните лица.
Веднаш се алармирани сите надлежни служби – Бригадата за противпожарна заштита Скопје, полицијата, Итната медицинска помош и Регионалниот центар за управување со кризи, велат лод ЦУК.
