Грција се подготвува за значително влошување на временските услови, поради што Националната метеоролошка служба (EMY) издаде црвен аларм за периодот од 23 до 25 јули. По неколкудневниот топлотен период, се очекуваат силни невремиња со обилни поројни дождови, грмотевици, бурен ветер, а локално е можна и појава на град.

Нестабилно време е најавено и во популарните туристички региони Халкидики и Солун. Според прогнозите, во петок (24 јули) таму се очекуваат поројни врнежи и силни налети на ветер.

Надлежните апелираат граѓаните и туристите да бидат внимателни доколку забележат дека се приближува невреме. Во таков случај, се препорачува веднаш да ја напуштат плажата и да излезат од водата.

Исто така, се советува да се избегнува патување со возило за време на најинтензивните поројни дождови, како и да се следат препораките и упатствата од надлежните институции.

Според најавите, невремето нема да ја зафати цела Грција во исто време, но оние кои престојуваат или патуваат во северниот дел од земјата треба редовно да ја следат временската прогноза и најновите информации.