Пет пожари на отворен простор биле регистрирани во текот на денот до 13 часот низ Македонија, од кои три и понатаму се активни, информираше Центарот за управување со кризи.
Активен е пожарот кај селото Желино во општина Желино, каде гори ниска вегетација. Пожар има и кај патарината кон Гостивар, на територијата на општина Боговиње, каде исто така е зафатена ниска вегетација.
Од ЦУК не ја наведоа локацијата на третиот пожар кој сè уште е активен.
Во меѓувреме, два пожари биле изгаснати во текот на денот. Едниот бил регистриран во близина на селото Просениково во општина Струмица, каде горело ѓубре.
Вториот изгаснат пожар бил во регионот на Старо Нагоричане, каде била зафатена ниска вегетација.
Надлежните служби продолжуваат со следење на состојбата на терен и преземање активности за локализирање и целосно гаснење на активните пожари.
