Познатата турска актерка Дениз Чакир, која домашната и регионалната публика најдобро ја памети по впечатливата улога на Ферхунде и Шах Султан, сестрата на султанот Сулејман во култната историска серија „Сулејман Величествениот“, е приведена во Истанбул.
Според информациите што ги пренесуваат медиумите од Турција, нејзиното задржување е дел од голема полициска операција насочена кон познати имиња од тамошната забавна индустрија.
Во рамките на оваа истрага, која се однесува на сомнителни кривични дела поврзани со проституција и наркотици, распишани се потерници за вкупно 35 лица. Покрај името на Чакир, во истиот случај се споменуваат и познатиот турски актер и музичар Озџан Дениз, како и режисерот Џем Карчи.
Акцијата на надлежните органи уследила по детална анализа на досегашните искази на осомничените и сведоците, но и по вештачењето на запленетите мобилни телефони и други дигитални докази. Досега полицијата успеала да приведе 23 од вкупно 35 лица опфатени со потерниците, додека потрагата по останатите сè уште трае.
Засега нема конкретни официјални детали за евентуалната поединечна вмешаност на актерката, ниту пак е потврдено дали против неа е поднесено официјално обвинение. Надлежните потсетуваат дека самото приведување во рамки на истражната постапка не значи и потврда за нејзина вина.
