Отворањето на дипломатското претставништво на Црна Гора во Лондон предизвика судски спор пред Високиот суд. Сосетката Дајана Симпсон покрена правна постапка против Градскиот совет на Вестминстер, тврдејќи дека присуството на институцијата во нејзината улица сериозно ѝ го нарушило менталното здравје и предизвикало постојан страв.

Амбасадата е сместена во објект со пет спални соби во лондонскиот атрактивен кварт Пимлико, познат по зачуваните историски фасади од периодот на Регентството. Како што пренесува британскиот весник „Гардијан“, спорот првично започнал поради реакции на жителите за поставениот јарбол со црногорското знаме.

Дел од соседите негодувале дека црвеното знаме со златни обележја не се вклопува во автентичната архитектура, при што еден жител го нарекол јарболот „грд за око“, додека други реагирале дека знамето и службената табла се поставени без потребните одобренија. За да ги смири тензиите, вршителот на должноста амбасадор организирал прием за локалните жители, но триесет и петгодишната Симпсон смета дека нејзиниот проблем е многу подлабок од естетскиот изглед на улицата.

Симпсон, која е ќерка на поранешен американски дипломат и живее на таа адреса повеќе од три децении, има дијагностицирана клиничка анксиозност, продолжен ковид и функционално невролошко нарушување, поради што користи инвалидски надоместоци. Во поднесената судска изјава наведува дека присуството на амбасадата ѝ создало несоница и постојано чувство на загрозеност.

Таа образложува дека ноќе често слуша крцкање и стравува дека некој може да ѝ влезе во спалната соба директно од соседната амбасада, па поради тоа мора да спие во друга просторија. Иако самата признава оти веројатноста за таков настан е минимална и реакцијата е во голема мера ирационална, стравовите ги поврзува со актуелните геополитички тензии меѓу Црна Гора и Русија.

Тужбата не е насочена директно против Црна Гора, туку кон Градскиот совет на Вестминстер поради одобрувањето на дипломатскиот статус на објектот. Симпсон тврди дека локалната власт не ги зела предвид нејзините здравствени состојби и правото на приватен живот, па повикувајќи се на законите за човекови права бара судска ревизија на одлуката и парична отштета, наведувајќи дека размислува за трајно напуштање на домот.

Од своја страна, Градскиот совет на Вестминстер целосно ги отфрла наводите, тврдејќи пред судот дека нема никакви докази за нарушување на приватниот или семејниот живот на тужителката. Властите побараа спорот да се реши по скратена постапка без јавна расправа, нагласувајќи дека урбанистичките одлуки се носат строго според законските норми.