Ангелина Вучиќ, мајка на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска била физички и вербално нападната во Белград, во непосредна близина на пазарот Калениќ. Според информациите од теренот, при инцидентот ѝ била одземена и торбата со прехранбени намирници.

Настанот веднаш бил пријавен во полицијата, чии службеници успеале да го лишат од слобода осомничениот Н.М. (28). На напаѓачот му е одредено полициско задржување во траење од 48 часа под сомнение за сторено кривично дело разбојништво.

„Во наведениот рок осомничениот ќе биде сослушан, по што ќе биде донесена одлука за понатамошното постапување“, соопштија од надлежното Јавно обвинителство.

Инцидентот беше потврден и од страна на Српската напредна партија (СНС), која излезе со соопштение во кое наведува дека мајката на претседателот била цел на вознемирување на јавен простор.

Од партијата наведоа дека група помлади машки лица ја туркале Ангелина Вучиќ, ѝ дофрлале со висок тон и насилно ѝ ги оштетиле кесите и торбите со производи што ги носела од пазарот.

„Таквото однесување е недозволив чин на агресија, понижување и заплашување што заслужува најсилна осуда. Ничија мајка, ничија баба и ниедна жена не треба да бидат цел на насилство поради политички разлики. Нема оправдување за агресија врз жена само затоа што е мајка на Александар Вучиќ“, се истакнува во соопштението на партијата.

Инцидентот се случува на денот на одржувањето на вонредните парламентарни избори во Република Србија, каде што право на глас имаат вкупно 6.450.523 граѓани запишани во единствениот избирачки список. Гласањето на сите избирачки места се одвива до 20 часот, до кога важи и строгиот изборен молк, а гласачите избираат меѓу вкупно 18 поднесени кандидатски листи.