Уапсен самопрогласениот „Крал на Германија“ – разбиена организација поврзана со движењето „Граѓани на Рајхот“
Германските власти денес ја забранија организацијата „Кралство Германија“, која функционира како дел од екстремистичкото движење „Граѓани на Рајхот“. Како дел од опсежна национална рација, приведени се четири лица, меѓу кои и самопрогласениот „Крал на Германија“, Петер Фицек.
Осомничени за создавање криминална организација
Канцеларијата на главниот државен обвинител во Карлсруе соопшти дека уапсените се осомничени дека делувале како водачи во рамките на криминална организација. Освен тоа, се товарат и за нелегално издавање документи. Организацијата „Кралство Германија“, основана во 2012 година, брои околу 6.000 следбеници.
Meet the (self-proclaimed) king of Germany, Peter Fitzek https://t.co/6SbNdbgx8l
— Businessweek (@BW) May 19, 2020
Оваа организација е дел од поширокото движење „Граѓани на Рајхот“, чии припадници не ја признаваат легитимноста на Сојузна Република Германија и се стремат да основаат паралелни „држави“ на нејзина територија.
Министрите предупредуваат на закана по уставниот поредок
Министерот за внатрешни работи на Германија, Александер Добринт, ја поздрави акцијата на обвинителството и истакна дека ваквите структури директно го поткопуваат уставниот поредок на државата.
„Членовите на оваа организација создадоа ‘контрадржава’ и изградиле економско-криминална мрежа. Тоа е сериозна закана по правниот систем и суверенитетот на Сојузна Република Германија“, изјави Добринт, кој доаѓа од редовите на Христијанско-социјалната унија (CSU).
Германските безбедносни служби продолжуваат со надзор и сузбивање на екстремистички групи кои дејствуваат надвор од уставниот поредок.
Извор: Кајгана