Такаичи извојува убедлива победа – анкетите најавуваат доминација во Долниот дом

Партијата на јапонската премиерка Санае Такаичи извојува убедлива победа на предвремените парламентарни избори, покажуваат излезните анкети.

Според резултатите, нејзината Либерално-демократска партија ќе го врати мнозинството во Долниот дом на Националниот парламент кој брои 465 пратенички места. Јапонските медиуми ги објавија проценките повикувајќи се на излезни анкети.

Либерално-демократската партија речиси непрекинато управува со земјата од 1955 година. Партијата претходно го загуби мнозинството и во Долниот и во Горниот дом. Причина за тоа беа скандали што сериозно го нарушија нејзиниот углед.

До неодамна, партијата владееше со тесно мнозинство. Тоа мнозинство беше обезбедено со поддршка од десничарската партија Ишин.

Можно двотретинско мнозинство

Јапонското радио НХК објави дека Либерално-демократската партија и нејзините сојузници би можеле да го надминат двотретинското мнозинство во Долниот дом. Таквиот резултат би ѝ обезбедил значително посилна политичка позиција.

Такаичи беше избрана на крајот од октомври. Таа стана првата жена што застанала на чело на јапонска влада. Во анкетите уживаше висок рејтинг.

Поради тоа, премиерката ја изненади опозицијата. Таа распиша предвремени парламентарни избори. Германската агенција ДПА потсетува дека одлуката била донесена во период кога нејзината поддршка во јавноста била висока.