На промотивниот настан за скопски градоначалник, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати со силни критики до ДУИ и нивната политичка стратегија. Тој порача дека манипулациите со идејата за предвремени избори не се ништо повеќе од клиентелистичка игра со сопственото гласачко тело.

„Се зборува за предвремени избори. Анкетите покажуваат дека ако тие се одржат, ВМРО-ДПМНЕ би имало сигурно над 62-63 пратеника, стабилно мнозинство со силна реформска агенда. Но, да не се лажеме, предвремени избори значат и изгубено драгоцено време. ДУИ ја експлоатира темата за да собира клиентелистички гласови, лежејќи ги своите гласачи дека ќе правеле коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Им порачувам, кај мене како претседател на Владата, а пред се како човек се важни принципите, а не комбинациите. Не интриги, не политикантство. Престанете да го лажете сопственото гласачко тело. Тоа е нечесно и некоректно кон луѓето кои со години ги манипулирате. Како владејачка коалиција убедливо ќе ве поразиме,“ истакна Мицкоски.

Тој оцени дека ДУИ очигледно не сака реформи и останува во иста политичка матрица со СДСМ, што според него е трагедија за државата.

„Очигледно е дека не сакате реформи. Останувате во истата матрица со СДСМ и тоа е трагедија за државата. Глумите партија која се бори за Албанците, a во две децении власт не понудивте ниту еден сериозен проект за албанската заедница. Официјалните податоци покажуваат колку стотици Албанци се иселија токму во вашиот период. На мајките кои си ги испратија децата во странство кажете им што добија од вашето владеење,“ порача Мицкоски.

Тој додаде дека ДУИ и СДСМ не само што ја уништиле институционалната стабилност и ја довеле државата на раб на банкрот, туку и создале апатија и разочарување меѓу граѓаните.

„Додека граѓаните осиромашуваа, вие се богатевте бесрамно на нивниот грб. Вашите повици за КАМ бек преку предвремени избори се само доказ за очи,“ потенцираше Мицкоски.