Израел уби теренски командант на Хезболах во воздушен напад во јужен Либан рано утринава, додека Обединетите нации предупредуваат дека прекуграничните напади ескалираат и дека насилството мора да престане.

Хезболах и израелската војска разменуваат оган преку границата додека трае војната во Појасот Газа, што ги зголемува стравувањата од проширување на конфликтот низ регионот.

Израелски воени авиони го нападнаа селото Ал-Султанија рано во понеделникот, при што загина командантот на елитните единици на Хезболах Радван и уште две лица, соопштија израелската војска и два либански безбедносни извори.

Израелската војска го идентификуваше командантот како Али Ахмед Хасин, тврдејќи дека тој е одговорен за планирање и извршување на напади врз Израелците. Хезболах објави информации за неговиот погреб, но не ја прецизираше неговата улога.

Околу 270 борци на Хезболах, како и 50 цивили се убиени во израелските напади во последните шест месеци. Околу десет израелски војници и пет цивили загинаа во напади на либанското движење.

Десетици илјади жители од двете страни се евакуирани поради конфликтот, а особено погоден е земјоделскиот сектор на јужен Либан.

Специјалниот координатор на Обединетите нации за Либан, Јоана Вронечка и командантот на мировната мисија на организацијата во земјата, Аролдо Лазаро, во понеделникот во заедничка изјава рекоа дека насилството мора да престане.